ТЕРА

REKLAMA???

КАДЕ Е ПОЕВТИНО, ТАМУ СЕ ПАЗАРУВА

Во време кога секој ден се споредуваат цени, акции и попусти, пазарувањето одамна не е само купување. Тоа е математичка задача со неколку непознати, заради променливоста на цените,  што може да се стави во зимбиљот, а што ќе остане за следниот пат. Иако има и ситуации кога со 1.000 денари влегувате за конретен производ, ама излегувате со едночудо работи земени затоа што имало акција, ама ништо за ручек.

Иако се верува дека ова последното е чест случај кога се работи за постоење на големи маркети наспроти маалски продавници, во Битола владее парадокс.

Според платформата „Ценко“ за проверка на цените во различните продавници , маалските продавници се за околу 3 % поскапи од маркетите. Што подразбира дека пазаруавњето за 1.000 денари во маркетите е повисоко за 30тинА денари во маалските продавници. Битолскиот парадокс говори дека не секогаш важи правилото дека големиот маркет е и најевтин. Колку локацијата е поблиску до центарот, толку цената на производите може да биде повисока.

Постоењето на маркетите значи поголем избор за потрошувачите.Но, денеска не најдовме статистика којашто може да прецизира колку маалски продавници останале во последните десетина години. Државниот завод за статистика не ги дефинира како посебна категорија „маалски продавници“. Ги бележи сите деловни субјекти. Гугл пребарувањето работи со проектирана бројка од 80 до 100 маалски продавници и 11-тина маркети. Тоа што статистиката го посочува е дека трговијата е огромен дел од економијата. Во 2021 година, категоријата „трговија на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли“ биле секторот со најголем удел меѓу активните претпријатија во земјава – 31,1 процент. Пелагонија е особено значаен трговски регион – во 2023 година тука биле 21,3 проценти од продавниците во трговијата на мало во земјава, најголем удел меѓу регионите.

Наспроти овој податок е оценката на актуелниот директор во  ЈП „Пазари“ кој, како еден од предизвиците за своето работење, го посочува отворањето продавници за овошје и зеленчук и големи маркети со пиљари.

Настрана од трката за поевтино е социјалниот агол на маалската продавница.

Тоа вообичаено е место кадешто секој го знае вашето име. А тоа не е нешто што може да биде излистано во ценовникот. Маалската продавница има и тефтерче, за да ве потсети дека ви верувале кога сте кажале „Ќе платам утре“. Маалскиот дуќан, иако поскап, е центар на секојдневието . Често владее позитивното однесување на заедницата кадешто секој секому помага, секој секого критикува, ама сигурно е место кадешто ќе најдете некој познат за да размените збор-два.

И маркетите и маалските продавници посочуваат на добра понуда и конкурентност во трговијата. Изборот е личен, дали ќе се трча по акции или другарчиња. Но, растот на бројот на маркети на сметка на маалските продавници подразбира и губење на малите претпријатија – продавниците на крајот од улиците се микробизниси, често со принципот самовработување чии даноци топтан се слеваат во битолскиот буџет. Со големите маркети со седиште надвор од Битола, тоа не е така, а нивното големо присуство подразбира дека сите пари од потрошувачите, се слеваат во големи компании.