ТЕРА

REKLAMA???

„КАТУЛИ КАРМИНА“ НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ИНТЕРФЕСТ НА КЛАСИЧНА МУЗИЈА

34-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „ИНТЕРФЕСТ“ Битола година ќе се одржува од 2 до 10 октомври.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во четврток на 2 октомви на сцената на Битолскиот народен театар со мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ Битола и камерниот оркестар на Битола .

Диригенти Владимир Димовски и Лилјана Трајковска-Димевски

Солисти: Билјана Талевска, сопран, Саша Арсенков, тенор, Србија

КАРЛ ОРФ: Катули Кармина

Кантатата Катули Кармина / Catulli Carmina e дел од музичката трилогија на германскиот композитор Карл Орф – “Trionfi”, која ја сочинуваат трите кантати: „Carmina Burana“ (1935 -1936), „Catulli Carmina“ и „Trionfo di Afrodite“. Катули Кармина е создадена во периодот 1940 – 1943. Инспирирана е од Поемите на римскиот поет Катулус  — Gaius Valerius Catullus. Пишувана е за мешан хор, два солисти – сопран и тенор, и за оркестар составен од четири пијана и ударни инструменти.

Катули Кармина е поделена на три дела: Прелудиум, со текст од Карл Орф на латински јазик, Централен дел со Поемите на римскиот поет Катулус (Catullus) кои се автобиографски и го донесуваат драмското дејствие на делото, и краток Постлуд,  кој се навраќа на музиката од Прелудиумот.

Мешаниот Хор на КУД  „Стив Наумов“ е првиот и најстар македонски хор кој на ослободената територија во Битола, на 4-ти Ноември 1944, испеал македонска хорска песна. Борците на Ослободителната 7-ма Македонска, Битолска ударна бригада, во победнички триумф и занес го изиграле и првото оро на битолскиот плоштад. На 6-ти ноември, битолските партизани под раководство на нивниот соборец, диригентот Тодор Скаловски, го одржале првиот концерт на плоштадот во Битола, инспирирајки притоа десетици битолчани да пристапат кон хорот. Под раководството на Тодор Скаловски, започнал со работа аматерскиот мешан хор кој го понесол името на паднатиот битолски херој, Стив Наумов. Културно – Уметничкото Друштво  „Стив Наумов“ набрзо се афирмирало како значаен двигател на музичкиот живот во градот и пошироко.

Националниот Камерен оркестар на Битола завзема се позначајно место во музичкиот и културниот живот на Битола, Македонија и пошироко. Формиран во 2013 година, Оркестарот од самиот почеток се постави како сериозен ансамбл со јасна концепција и визија. За неговото формирање придонесе музичката традиција на Битола, преку повеќедецениско делување на камерен ансамбл, составен од воени музичари и аматери – љубители на музиката. Денес Камерниот оркестар на Битола е хомоген ансамбл составен од академски образовани музичари кој развива широка концертна активност во земјата и во странство. Во 2023 година Камерниот оркестар е прогласен за Национална Установа.

Медиумски покровител на фестивалот традиционално е Тера телевизија.