Звуците на флејтата одѕвонуваа во свечената сала на Офицерскиот дом. Делата на Моцарт, Бах, Рајнике и Доплер направија убава атмосфера, преку изведбата на Ана Трсунова од класата на проф. Александар Стефановски, со пијано-придружба на м-р Горјана Стојановска.

Младата флејтистка Ана Трсунова, како заокружување на своето средно образование, одржа солистички матурски концерт во салата на Офицерскиот дом.Целта на концертот беше да се прикаже долгогодишната работа на матурантката која допрва ја чекаат нови музички предизвици. Гостинка на овој концерт беше нејзината соученичка, Емилија Богоевска на виола, споделувајќи ги звуците на германскиот композитор Бах.

Ана уште од 9 годишна возраст е во класата на проф. Александар Стефановски, одејќи на часови по флејта во Државното музичко училиште. Има добивано бројни наградина натпревари од државен и меѓународен карактер. Активен учесник е и во Битолскиот дувачки оркестар, како и Дувачкиот оркестар при ДМУ – Битола.
Со овој концерт, Ана не само што ја покажа нејзината музикалност и вештина, туку ја промовираше флејтата како солистички инструмент, докажувајќи дека Државното музичко училиште е училиште кое е достојно за своето име.












