Настаните од последниот ден од проектот RYCO Superschools беа круната на другарувањето на битолското музичко училиште со Музичкото училиште “Стеван Мокрањац” од Пожаревац, Р.Србија. Се работи за проект за размена на ученици каде младите имаат можност да се претстават себе си, своите училишта и обичаи и да научат нови работи за локалните заедници. Проектот беше во организација на RYCO (Регионална канцеларија за младинска соработка) – меѓувладина организација, која има за цел да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во Западен Балкан преку програми за младинска размена што ја прави соработката различна од видот на екскурзии што обично ги прават училиштата; како и Програма Суперучилишта (Superschools) која претставува програма за училишна размена во Западен Балкан 6 со цел да се поддржат процесите за градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог.

Работниот ден започна со прием кај градоначалникот на општина Битола, г-дин Тони Коњановски, кој најави максимална поддршка на уметноста во нашиот град, како и соработка со општина Пожаревац, Р.Србија. Посетата ја реализиираа проф. Татијана Босиќ како претставник на општината и проф.м-р Маја Митровска, претставник на Државно музичко училиште Битола.

Следуваше долгоочекуваниот завршен концерт со наслов “Музичка синтеза”, и не случајно. Можеа да се слушнат дела од различни жанрови, и сето тоа преточено во убава музика која ги зближи учесниците уште повеќе. Прво беше изведена оркестрација дело на композиторот Илија Рајковиќ а подготвена во соработка со проф. Татијана Босиќ, која воедно и беше пијано придружба на делото. Потоа се придружија учениците од битолското училиште за заедничкиот концерт – Музичка синтеза. Изборот на композиции за финалното дело беше на проф.м-р Маја Митровска. Имено таа беше музички координатор на целиот проект, психологот, Нина Тасевска – координатор, и проф. м-р Билјана Павлова – тимски соработник. За оркестрацијата се погрижи проф. Вангел Мажевски кој како диригент на делото, беше задолжен за музичката подготовка на истото. Настапија инструменталците: Михаил Јагуриноски, Ана Трсунова, Алексaндар Велковски, Петар Костадиновски, проф. м-р Никола Баљаревски, Марио Туше Стојановски, Бојан Анакиевски, Бојан Илиевски и Милена Наумовска и хорот составен од учениците од Битола и учениците гости, кој го подготви проф.Лилјана Трајковска Дамевски. Беа доделени благодарници за учество и заслуги а потоа и се разменија поклони за спомен од овој прекрасен проект. Почесен гостин беше претседателката на советот на општина Битола, Габриела Илиевска.

На последниот ден од посетата на Музичкото училиште “Стеван Мокрањац” во Битола, реализираа и посета на Античкиот локалитет Хераклеа Линкестис. Пред завршниот концерт на партнерските училишта во проектот SuperSchools, координаторите на проектот од двете училишта, психолозите Нина Тасевска и Немања Ѓорѓевиќ, одржаа работилница на тема ”Стереотипи, предрасуди и дискриминација”.

Меѓу музичките настани беа и : Работилница во рамките на предметот Музички фолклор, предводена од проф. Кирил Стојчевски; Интегриран час по предметите Џез и популарна музика и Музички композиции, воден од проф.Вангел Мажевски и проф. Кирил Мулоски, Работилница по Хармоника, под раководство на проф.Владимир Андревски; Работилница за Ударни инструменти, водена од проф.Зоран Ристевски, проф.Методија Мешковски и проф.Кирил Мулоски;
Проектот придонесува за зголемување на вештините и знаењето на младите луѓе од Западен Балкан преку унапредување на образовните системи и промовирање на соработката во регионот, преку воспоставување регионална шема за размена на училишта.
Неда Маретиќ












