Дуото од Будимпешта „Буда Песни“,вљубеници се во балканската музика и секако македонската. Идејата за создавањето на ова дуо се родила за време на Ковид периодот, кога изведуваат онлајн концерти со репертоар на балканска музика. Склучуваат соработка со „Три српски кафеани“, но и со многу други места низ Будимпешта каде го изведуваат својот репертоар. Велат дека посетителите се повеќе се заинтересирани за нивните настапи, а и самите се уверивме во тоа затоа што картите беа целосно распродадени. Дуото го сочинуваат Бенедек Рети на хармоника и Вероника Варга вокал.

„ Една од најголемите придобивки од концертите е што и на музичарите од различни балкански земји кои живеат во Будимпешта им се допаѓа она што го работиме и некако нè гледаат како нивен културен претставник, што е прилично гордост за нас“, ни изјавија на почеток на разговорот со нас. Заедно свират повеќе од 10 години.
„Нашиот заеднички репертоар е составен од различни јазици, различни држави од балканот. Ни се допадна македонската музика кога ја слушнавме и се одлучивме да ја вметнеме во нашиот репертоар.Со оглед на тоа што имаме различни тематски концертни вечери овде, вклучивме и македонска вечер на која публиката доста добро реагира“, изјавија Вероника и Бенедек. Тие изведуваат српски, грчки, босански и македонски песни.
Тие немаат потекло од балканските земји, но ја сакаат балканската музика.
„Во оваа насока, музичкиот свет на Балканот за нас е како дом. Затоа за нас, така да кажеме небалканците, е важно да ја пренесеме суштината на она што можеме да го доживееме и научиме од оваа музика што е можно подобро“, ни изјавија за крај.
Ни открија и мала тајна односно дека ќе имаат соработка со Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.













