Пет политички субјекти – три партии и две коалиции – се очекува да влезат во новиот парламент на Молдавија, според делумните прелиминарни резултати објавени од Централната изборна комисија (ЦИК), која ги објавува податоците во реално време.
По обработени 94 отсто од записниците, проевропската Партија на акцијата и солидарноста (ПАС), основана од претседателката Маја Санду, освојува 47,4 отсто од гласовите.
На второ место е опозицискиот Патриотски блок, составен од четири проруски партии, кој, според делумните прелиминарни резултати, освоил речиси 26 отсто. Опозициската коалиција синоќа организираше протест пред зградата на ЦИК.
Изборите се одржаа во клучен момент за Молдавија, која е кандидат за членство во ЕУ, но се наоѓа во непосредна близина на војната во Украина и, според молдавските власти, редовно е предмет на притисок и хибридни напади од страна на Москва.
Русија негира дека се меша во внатрешните работи на Молдавија и ги обвини молдавските власти дека поттикнуваат антируска хистерија со цел да победат на изборите.
МИА













