ТЕРА

REKLAMA???

ОДБЕЛЕЖАН 80. ПАТРОНАТ НА ОУ.„КОЛЕ КАНИНСКИ“ БИТОЛА

Основното училиште „Коле Канински“ прослави 80 години постоење, значаен јубилеј под мотото „Под ѕвездите ги чуваме спомените“. Емотивната и ретро инспирирана свеченост се одржа во Центарот за култура. Присутните беа поздравени од директорката Дијана Христовска, која истакна дека целта на овие јубилеи е да се потсетиме на делата на Коле Канински и достојно да го зачуваме неговото име.

На манифестацијата се прославија 80 години од настава на македонски јазик во ОУ „Коле Канински“, 110 години од раѓањето на патронот и 80 години од неговата трагична смрт. Најемотивниот момент од настанот  беше обраќањето на синот на Коле Канински, Стефан, кој повеќе од 70 години живее во Белград и кој со длабоки емоции се присети на својот татко, но и го честиташе патронатот.

На смејството Канински му беше подарена слика која е авторско дело на наставникот по ликовно образование Стефан Поповски. На свечената академија беше присутен и се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски,кој со најискрени желби го честита јубилејот на училиштето и им посака уште многу повеќе и поголеми успеси. Следуваше драмско-музички перформанс, музички точки од фестивалот „Си-до“.

 

 

Музичките точки и прикажувањето на стари фотографии ги вратија  присутните во времето назад, потсетувајќи нè на важноста на зачувувањето на традициите и историјата и безгрижните детски денови. Директорката на училиштето, Дијана Христовска, додели благодарници и признанија на сите кои имаат значаен придонес во работата и успехот на училиштето.  Со секој спомен, секој настап и секоја песна, учесниците и присутните беа потсетени на важноста на зачувувањето на историјата и културата, кои се нераскинлив дел од нашето наследство. „Под ѕвездите ги чуваме спомените“ не беше само мото на оваа свеченост, туку и потсетник дека минатото живее во сегашноста и ни дава сила и инспирација за иднината. Свеченоста заврши со настапот на првачињата облечени како ѕвезди, кои ја изведоа химната на училиштето „Река од деца“.

По повод одбележување на Денот на училиштето, се реализираа повеќе настани и активности кои го прославија значењето на оваа образовна институциј покрај Централниот настан Свечената академија. Па така во Свечената сала на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, беше приготвена пригодна програма. На свеченоста присутни беа и градоначалникот на Општина Битола, како и синот на херојот Канински со ќерката и внуката, што на овој настан му даде дополнително значење.

Директорката Дијана Христовска, заедно со семејството Канински, наставници и ученици, го посетија вечното почивалиште на нашиот патрон, каде положија цвеќе и оддадоа почит. Потоа, тие се упатија кон бистата на Коле Канински во градскиот парк, каде исто така положија цвеќе. На оваа локација, воедно, беа доделени дипломи од ликовниот и литературниот конкурс распишан по повод одбележување на патрониот празник.