„Oдливот на мозоци“ е еден од најголемите проблеми во земјите од Западен Балкан, при што некои предвидуваат дека до половина од квалификуваната и образована млада популација може да ги напушти овие земји во следните децении.
„Ќе биде тешко да се смени егзодусот на младите од Западен Балкан!“ – се предупредува во Извештајот на Младинската иницијатива за човекови права во Белград. Насловен „Миграција и одлив на мозоци – компаративна анализа на Албанија, Македонија и Србија, покажува дека младите ги напуштаат овие земји не само поради ниските плати и економските прашања, туку и поради корупцијата, криминалот, политичката нестабилности и недостаток на безбедност.
Извештајот е објавен како дел од Регионалната програма за младинско лидерство за мобилност, која е соработка помеѓу Центарот за наука и иновации за развој, Младинскиот образовен форум од Македонија и Младинската иницијатива за човекови права од Србија.
Трудот се фокусира на тоа како да се привлечат младите мигранти назад во нивните матични земји. Испитаниците во Србија и Македонија изразиле песимизам за можноста за враќање, а семејните врски останале единствен мотив за тоа. Младите во Албанија изразиле слични причини за престој во Албанија- силните семејни врски и желбата да придонесат за развојот на земјата.
Истражувањето како една од причините за невраќање ја наведува и ниската застапеност на програми за поддршка на мигрантите кои се враќаат. 80% од нивните испитаници не знеле дека во нивните земји има некакви слични владини програми. Многу од овие шеми ја нудат истата поддршка што ја бараат потенцијалните повратници, како што е поддршката за основање нови бизниси со капиталот што го заработиле во странски земји.
Еден пак од проблемите забележан во Србија е тоа што државата повеќе не ги признава младите кои си заминаа како составен дел од државата.
Истражувањето се одвивало со иселеници од овие балкански земји во западно-европските и тие биле на возраст од 28,7 до 42,2 години.
Извештајот вели „Северна Македонија, со своето мало население, исто така се соочува со значителна емиграција. Пописот од 2021 година истакна загуба од 200.000 жители во споредба со пописот од 2002 година, бидејќи населението се намали од околу 2 милиони на 1,8 милиони. Овој пад првенствено се припишува на миграцијата, а не на ниската стапка на наталитет.“












