Зурли и тапани одекнаа на улицата на којашто ова не и е првпат да сведочи за прослава на матура. На ред беа учениците од средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“.
Шемата е позната. Антрополозите кои матурата ја гледаат како премин – од детство во злрелост би кажале – вистински ритуал за иницијација, на децата во светот на возрасните: доаѓаш во голем стил со автомобил што го вози посебен шофер, се обидуваш да се справиш со групите кои со зурли и тапани го најавуваат твоето доаѓање, си честиташ со сите што ги познаваш, отпоздравуваш на сите што те поздравуваат – знаени и незнаени, играш, ако се договориш со другарите кое оро да го порачаш.
Три музики свиреа одеднаш, а сите кои сакаа да ги прегледаат фустаните и костимите, сите кои сакаа да ја видат новата генерација од Техничко беа околу нив – како пресинг во спортски натпревар или третман на вистински ѕвезди.
Но, еднаш се прави матура, првата честитка дојде од директорката.
Од формирањето во 1958 година, средното техничко училиште образува кадри кои се директно вклучени во индустријата, некои и во услужните дејности. Ова е 67та генерација ученици кои се подготвени да одговорат на барањата на современите општества. Има повеќе струки, а директорката Д-р Жанета Сервини е горда на целата генерација. Сепак издвои неколку имиња.
Фотографирањето можеби беше последниот момент кога сите изгледаа цакум-пакум. Нов тапан чукна за забава. Ова е последна генерација ученици кои завршуваат во овој формат на училиште, директората вели следната генерација што ке се запишува ќе биде дел од училиштетот како Регионален центар. Како што прашањето за матурантите „каде после средно“ е клише, такво е и прашањето кон директорката „дали ќе ги задржиме во државата“ профилите кои во западноевропските земји се дефицитарни. Но, прашањето мора да се постави.
Претпоставувате најголемата заедничка прослава на една генерација завршува со многу заедничко фотографирање, многу песни, зарипнат глас и прекрасен замор што е предвесник на новото време од животот по матурирањето.
Во продолжение и следниот видео материјал од оваа прослава.













