ТЕРА

REKLAMA???

ТАТКО“, кога семејството станува бојно поле-премиера на НУ БНТ

Едно семејство, поделено на два табора, со по еден војник на секоја страна, води битка за превласт. Во драмата „Татко“ на Август Стриндберг, семејството не е место на прегратка што нуди сигурност, ниту засолниште од надворешните проблеми. Напротив, тоа е простор во кој се судираат личните интереси, суетата и потребата за доминација. А во средиштето на оваа битка е таткото – капетанот. За ова денеска се зборуваше на прес-конференцијата во Битолскиот народен театар, по повод премиерата на претставата „Татко“.

„Ова е првата премиера во сезоната 2026/2027 на Народниот театар во Битола. Станува збор за претставата „Татко“, според текстот на Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски. Покрај режијата, Благој Мицевски се погрижи и за костимите и сценографијата, кои ги гледате овде. Композитор е Маријан Нечак, за звукот се погрижи Александар Димовски, светлото е на Горан Петровски, суфлер е Гордана Михајловска, реквизитите се на Цветан Јовановски, а инспициент е Оливер Петровски.  Главниот лик во претставата го толкува нашиот колега Петар Горко. Покрај него настапуваат и Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска-Илиевски, Никола Прочевски, Живко Борисовски и добитничката на наградата за животно дело „4 Ноември“, нашата доајенка Соња Михајлова. Искрено, многу ми е драго што повторно ја имаме на сцената на Народниот театар во Битола. Можам да кажам само дека нè очекува уште еден нов ролеркостер од емоции. Ова е еден од најзначајните текстови на Стриндберг. За првпат се прикажува распаѓањето на едно семејство однатре.“ – рече денеска директорот на НУ БНТ Васко Мавровски.

Драмата на Стриндберг во своето време предизвикала големи контроверзии, па дури и одбивање да биде поставена на сцените на шведските театри. Податокот дека премиерата се одржала во Копенхаген, Данска, го потврдува и слободната интернет-енциклопедија. Режисерот Благој Мицевски вели дека во оваа фаза од животот има потреба од повторно читање и толкување на делата што се сметаат за класици. Режисерот се надева дека претставата ќе има долг сценски живот, пред сè поради повеќеслојноста на делото.

„Ова е една класична претстава, која меѓу нас ја нарековме психолошка драма со елементи на трилер, за да ни биде јасно и нам, но и на публиката, како да ја доживее. Тоа беше исклучителен процес во кој се обидовме да ги откриеме сите слоеви на ова комплексно дело. Не знам дали успеавме да ги откриеме сите, бидејќи навистина ги има многу. Не станува збор само за едно семејство и односите во него, туку и за бракот како институција, односите меѓу мажот и жената, науката и религијата, мајчинската љубов и детето како жртва на едно нефункционално семејство. Во постојаната битка за моќ и превласт, можеби најголемиот проблем, кој постои и денес и продолжува да нè измачува, е огромната суета. Таа доведува до тоа детето да стане колатерална штета. “ – вели режисерот Благој Мицевски.

Во центарот на приказната е таткото, чија позиција, авторитет и улога во семејството се доведени во прашање. Главната улога ја толкува Петар Горко. За него, ова е посебен актерски предизвик.

„Знаете како, уште во младоста, кога ги читавме овие класици, веројатно не обрнувавме доволно внимание на нив, бидејќи бевме премногу млади за ликовите што ги толкуваат возрасни актери. Но, сега и ние стигнавме до таа возраст на која можеме да ги играме овие ликови. И да, има ликови за сите генерации. Тоа е и порака до помладите колеги – да не се плашат дека за нив нема да има улоги.“ – рече денеска Горко.

Женската перспектива ја претставува Лаура – лик кој не е едноставно негативен, туку жена што се бори за сопствената егзистенција во патријархален свет. Вака ликот го толкува Катерина Аневска-Дранговска.

„Таа е жена која се бори за својата егзистенција со сите средства што ѝ стојат на располагање во еден таков патријархален свет. Тоа го прави многу остроумно, тивко и стратешки. Целата претстава, како што кажа Благој, е еден психолошки трилер во живо. Мислам дека со колегите, со режисерот и со Пеце успеавме да изградиме еден свет во кој тензијата се чувствува повеќе во паузите отколку во самите реплики. Се надевам дека претставата ќе допре до секој човек што ќе ја гледа и дека публиката ќе ја почувствува таа искрена, сурова реалност. “- вели Аневска Дранговска.

Претставата отвора и поинаква перспектива на семејните односи.

Во претставата настапуваат и Соња Михајлова,  Сандра Грибовска-Илиевски, Никола Прочевски и Живко Борисовски. За Михајлова, која по пензионирањето повторно се враќа на сцената на Народниот театар, ова е и можност да биде дел од една нова актерска соработка.

„Ликот на Маргарет е лик на жена и мајка која во животот искусила многу, особено во сложените семејни односи меѓу мајката, таткото и детето. Таа е на страната на зачувувањето на семејството. Но, истовремено констатира дека во овие семејни односи доминираат суетата и егото. Честопати, во семејството не сме ни свесни дека секој од нас има потреба да ја наметне сопствената волја и да доминира. “ – рече денеска Соња Михајлова.

„Фасцинантно, ми беше интересно во текстот тоа што овој автор, во времето кога живеел, се занимавал со таткото, а не со мајката. Денес живееме во време кога филмските платформи многу повеќе се занимаваат со жената. Можеби е потребно да се зборува и за ултрафеминизмот, но оваа претстава не оди во таа насока. Ликот на Петар Горко, односно таткото, во еден момент вели: „Зошто ние да не одлучуваме?“ – рече Никола Пројчевски кој дообјаснувајќи ја својата споредба со денешните филмски приказни често„ се нагласува дека мајката го родила, го носела девет месеци, го чувствувала неговото присуство, дишела со него и го слушала неговото срце. Таа тема ми е фасцинантна, бидејќи навистина открива многу нешта. Морам да признаам дека текстот е извонреден и Горко е извонреден во улогата“ – вели Никола Пројчевски.

„Татко“ е психолошка драма со елементи на трилер, во која конфликтите не се случуваат само преку зборовите, туку и во молкот, недореченоста и скриените семејни вистини, беше кажано денеска од екипата којашто скоро три месеци заднички работи на подготовка на оваа претстава за: војната на половите- борбата за превласт, судир на две суети, семејна кавга, прашањето на татковството и сомнежот како женски начин во патријархатот, развивање и живот во односи кои денеска се нарекуваат психолошка манипулација, се’ низ призмата на растурен машки идентитет на повозрасен маж. Затоа што, тоа е текстот „Татко“ на швеѓанецот Адолф Стрингер од крајот на 19 век, време кога во европската книжевност се појавила интензивна дискусија за женските права. Овој текст фокусиран на мажот предизвикал коментари за мизогинија и претставување на жената како главен мотор на сите конфликти во едно семејство.

„Процесот беше прекрасен, колегите беа прекрасни, а и крајниот резултат е прекрасен. Тоа ќе можете и самите да го видите. “ – ја заврши прес конференцијата Живко Борисов кој во оваа претстава игра свештеник.