Од 1 јули годинава граѓаните најверојатно повторно ќе имаат можност да користат евтина дневна тарифа на електричната енергија, најави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

– Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од 1 јули, изјави Битиќи во гостувањето во „Утринската програма“ на телевизија Телма.
Тој посочи дека висината на цената на струјата преку соодветни параметри ја определува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), која се очекува да ја донесе конечната одлука кон крајот на јуни.
– Имаме месец и половина пред нас, а ние не зависиме само од домашните производители на електрична енергија, нагласи Битиќи, додавајќи дека како и сите одлуки во последнива година и половина, така и оваа ќе биде во полза на граѓаните.
Вицепремиерот во гостувањето најави и дека стапката на данокот за додаден вредност (ДДВ) за струјата од 10 отсто постепено ќе се враќа на 18 проценти, за што анализите се при крај.
Битиќи потенцира дека првпат од независноста на земјата актуелната Влада работи на подготовка на Национална стратегија за развој, која би требало да го трасира патот за идниот развој на државата.












