На педеститна страници Општина Новаци го објави отчетот на градоначалникот Стевче Стевановски за периодот 2021 до 2025 година.

Таму стои дека во изминатите четири години реализирани се над 150 проекти со вкупна вредност од 4 милиони евра.

Од капитални инфраструктурни инвестиции, нови патишта и улици, канализациони и водоводни мрежи, па сè до вложувања во образованието, младите, спортот и културата.

Стевановски вели дека докажале дека кога се работи чесно, посветено и домаќински резултатите не изостануваат.

• Ги изградивме трите главни улици кои ќе ја поврзат новата Индустриска зона во Новаци во должина од 1.5 km вредни околу 60 милиони денари.Овој проект ќе значи дополнителен раст и развој на целиот регион.
• Изградивме комплетно нова водоводната и канализационата мрежа на улиците крак 1 и крак 3 кои водат до новата Индустриска зона -Златен клас во должина од 875 метри.
• Едно од моите најголеми ветување во предизборието беше изградбата на канализациона мрежа со пречистителна станица во село Добромири. Ветеното се реализира. Изградена е две третини од мрежата а во моментот е распишан тендер за изградба на пречистителната станица и до крајот на оваа година Добромири ќе има комплетно функционална канализациона мрежа.
• Ја градиме модерната спортско рекреативна патека која ќе значи поврзување на Новаци со манастирот Рождество на Пресвета Богородица што беше едно мое предизборно ветување кое веќе се реализира. Вкупната должина на пешачката патека е 1440 метри која ќе содржи пешачка патека во должина од 378 метри која ќе биде поплочена, велосипедска патека од асфалт во должина од 660 метри и атлетска патека изработена од тартан во должина од 400 метри. Во рамките на патеката започнавме да градиме и гледалиште – амфитеатар и скејт парк кој исто така беше мое предизборно ветување.
• Во изминатите 4 години во Општина Новаци асфалтирани се вкупно 10 километри локални патишта и улици.
• Го изградивме плоштадот пред куќата на македонската хероина од илинденскиот период Калеш Анѓа во мариовското село Старавина.
• Во изминатите три години реконструиравме и изградивме нови тротоари во селата: Далбеговци, Новаци, Добромири, Долно Агларци и Рибарци со вкупна должина од скоро 2 км.
• Изградивме примарен цевковод за водоснабдување на селата: Бач и Живојно со вкупна должина од 6 км.
• Изградивме спортско игралишете за мал фудбал по најсовремени модерни стандарди во село Бач.
• Бидејќи ФК Новаци се натпреварува во втората македонска фудбалска лига направивме темелна реконструкција на фудбалскио стадион во Новаци со што ги задоволивме критериумите и стандардите на ФФМ за сите рангови на фудбалско натпреварување.
• Саниравме, реконструиравме и обновивме 9 детски паркови во селата: Гермијан, Далбеговци, Новаци, Добромири, Долно и Горно Агларци и Рибарци.Оваа година во 6 детски паркови поставивме нова гума и нови играчки.

„Мојата визија за општина Новаци е таа да биде современа, уредена и перспективна рурална средина која ќе го задржи својот традиционален дух, а истовремено ќе создава услови за квалитетен живот на сите граѓани. Како општина во срцето на Пелагонија, Новаци има потенцијал да биде лидер во земјоделското производство, но и во развојот на енергетиката, инфраструктурата и туризмот“ вели Стевановски.













