Обилните врнежи значително ги зголемија водостоите на реките Купа и Корана во Карловац во Хрватска, каде е прогласена вонредна состојба. Критично е и во областа Хрватска Костајница а реката Уна е речиси четири метри над нормалното ниво, пишува Радио Слободна Европа.
Савскиот насип во Сисак, во централна Хрватска, попушти и водата го потопи комплексот на Здружението за терапевтско и рекреативно јавање.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот пристигна во Карловац, за кој рече дека е „одбранет“, особено деловите кои претходно биле во најтешка ситуација.
„Можеме да кажеме дека ситуацијата во моментов е под контрола. Ја следиме ситуацијата во другите окрузи, особено во Сисак-Мославина“, рече Пленковиќ, додавајќи дека ситуацијата во Костајница во моментов е сложена.
Вонредна ситуација е прогласена во Петриња и Сисак поради зголемувањето на водостојот на реката Купа. Се очекува нивото на водата да достигне и до десет метри, а следните 24 часа се сметаат за критични за ова подрачје.
Многу насипи, кои се оштетени во областа по земјотресот, се санираат од страна на хрватската армија.
Водостојот на реката Купа на мерното подрачје кај Петриња во петокот во пет часот изнесувал 972 сантиметри.
Земјите во регионот се погодени од обилни дождови кои доведоа до поплави во Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.
Обилните дождови во изминатите неколку дена предизвикаа зголемување на нивото на водата во сите водотеци во кантон во северозападниот дел на Босна и Херцеговина.
Во Србија две лица се повредени во поплавите во Нови Сад, и десетина куќи се под вода, но никој не е во животна опасност. Пожарникарите во Целје и Марибор, ги отстрануваа последиците од обилните врнежи што ја зафатија Словенија и предизвикаа уште 16 одрони.












