ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОВИРАНА БИОГРАФИЈАТА ЗА ЗЛАТКО НЕДЕЛКОВСКИ ВО БИТОЛА

Во КИЦ, во Офицерскиот дом беше промовирана Биографијата за спортската легенда и татко на Кик Боксот во Македонија – Златко Неделковски [ 196O – 2O2O ], учител – спортски работник – сопруг и татко, но пред се битолчанец насловена како “Големиот воин и неговата храбра ќерка”, а напишана од неговата ќерка Дијана.

Дијана е родена во Битола и е  афирмиран спортист исто како и нејзиниот татко. Тргнувајќи по неговите стапки станува учител со висок ранг во низа боречки вештини и спортови, а лично формирала целосно уникатни, свои методологии и програми за работа со најмладите и со понежниот пол. Таа е исто така и активен спортист односоно, трикратен светски првак во дисциплината екстремна самоодбрана во апсолутна категорија [ мажи и жени над 18 години ] во три засебни светски организации и асоцијации за боречки вештини и спортови.

Моментално е и учител и главен тренер во својата Академија за боречки вештини и спортови „ЗА – НЕД – ДО“ во Битола, која по загубата на нејзиниот татко е преименувана во „Златко Неделковски“. На промоцијата Дијана Неделковска истакна:

„Почитувани пред се би сакала искрено да ви се заблагодарам во мое и во името на моето семејство што денес сте дел од овој за нас посебен настан. Искрено ми е многу полесно сега да влезам во рингот отколку да зборувам тука пред сите вас а посебно кога треба да зборувам за мојот татко но ќе ми биде особена чест и задоволство да ви раскажам како и зошто се роди идејата за Биографијата за мојот татко“, и додаде:

„Во животот за сите нас постои само една опција – опцијата “A” т.е. да продолжиме понатаму. А токму од таа опцијa и од една болка – една преголема љубов на еден татко и неговата ќерка и нивната професионална и приватна поврзаност произлезе и приказната за “Големиот воин и неговата храбра ќерка. Со оглед на тоа дека книгата ја започнав по само два месеци од смртта на мојот татко, беше премногу тешко. Тешко е да ги извадиш емоциите на парче хартија, оние истите емоции кои толку многу сакаш да ги потиснеш длабоко во себе, затоа што и сам знаеш колку многу болат и да, премногу е тешко да пишуваш за човекот кој толку многу го сакаш а веќе не е покрај тебе“.

“Големиот воин и неговата храбра ќерка” е биографија, но и книга за семејството Неделковски – книга за сите вас – книга за сите минати – сегашни и идни членови – книга за сите соработници и пријатели – за народот – книга за Златко Неделковски“, беше истакнато на промоцијата. Златко Неделковски беше роден во Битола – живееше и работеше во и за Битола, а во Битола е и неговиот вечен дом.  Татко на Кик Боксот во Македонија, но и низа боречки вештини и спортови кои не само што ги изучил и донел од светот во нашата Македонија – нашата Битола туку ги усовршил и им ги вратил на светот подобри и поквалитетни.

Пред 4О години го формирал Кунг Фу Клубот “Битола” , пред 3О години го формира Кунг Фу – Фул Контакт Сојузот на Република Македонија. Неделковски пред 5 години и официјално станува легенда во боречките вештини и спортови со впишување на неговото име како татко на Кик Боксот во Македонија во првиот учебник за боречките спортови и вештини наменет за идните професионални спортисти при Факултет за физичко образование – спорт и здравје.

Основач е на светски познатата и признаена Академија за боречки вештини и спортови “ЗА НЕД ДО” која постои веќе 25 години а од минатата година е именувана по него. На промоцијата присуствуваа членови на семејството и бројни пријатели и почитувачи на овој голем човек.

Неда Маретиќ