Репрезентацијата на Македонија до 21 година денес на тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје го одигра контролниот натпревар против соодветната селекција на Ерменија.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во една од последните проверки пред стартот на квалификациите за пласман на ЕП, одиграа нерешено 1-1 против репрезентацијата на Ерменија.
Во почетокот на првото полувреме видовме доста изедначена игра од свете страни, со многу борба и пожртвуваност на средината од теренот. Македонија во продолжението го засили темпото на игра и тоа резултираше со погодок во мрежата на противникот. Луан Абази на најдобар начин го искористи додавањето од Методи Максимов и погоди за предност на нашата репрезентација од 1:0. Мартин Талаков до крајот на првиот дел ја имаше најсериозната прилика за зголемување на предноста, но не успеа да погоди од идеална позиција.
Репрезентацијата на Ерменија одлично го започна второто полувреме. Тоа резултираше со погодок за израмнување на резултатот. Стрелец на погодокот беше Калукјан во 53. минута од натпреварот. Нашите млади фудбалери до крајот на мечот притискаа и се обидуваа да постигнат погодок, но противникот успешно се одбрани.












