На само неколку метри од Старата битолска чаршија, каде секојдневно минуваат граѓани и туристи, стои еден од најстарите мостови над реката Драгор. Објект кој со години е дел од градската слика, но денес неговата состојба отвора прашања – дали навреме се одржува и дали се води доволно грижа за старите јавни објекти. На металната конструкција се забележливи траги од долготрајна изложеност на влага. Делови од мостот се зафатени со корозија, особено во долните сегменти, каде контактот со водата и атмосферските влијанија оставаат последици. На пешачката површина, која секојдневно ја користат граѓаните, се забележуваат оштетувања на металната подлога и места каде заштитниот слој е истрошен. Прашањето кое се поставува е дали овие оштетувања се само визуелен проблем или сигнал дека е потребна навремена санација и стручна проверка на состојбата на објектот. Дополнителен впечаток остава и просторот околу мостот. Покрај пешачките патеки има израсната трева и ниска вегетација, што упатува на потреба од почесто комунално одржување на оваа локација. Мостовите на Драгор не се само инфраструктурни објекти. Тие се дел од урбаното ткиво и препознатливи точки на Битола. Особено овој премин, кој се наоѓа на еден од пристапите кон старата чаршија, има и историско и градско значење. Одговорноста за јавните објекти е на сопственикот, во овој случај Општина Битола, од која очекуваме одговори: кога последен пат е извршен технички преглед на мостот, дали е направена проценка на неговата состојба и дали се планира санација. Низ терминологијата на градежниците – овој јавен објект е видливо запоставен. Битолчани , а и туристите кои деновиве се нели многубројни очекуваат ова да е една од заштитените, зачуваните, градски точки. Оти, Драгорот ќе продолжи да течи , а мостовите да сведочат – за едно минато врееме. Освен ако ги снема, под забот на времето и на лошото планирање и работење.











