Американскиот претседател Доналд Трамп му телефонираше на рускиот претседател Владимир Путин за да започне со подготовки за средба лице в лице меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски по еден ден вонредни состаноци во Белата куќа на 18 август, како дел од напорите за завршување на војната во Украина, пишува Радиот Слободна Европа.
Трамп рече дека му се јавил на Путин за да разговара за можна средба со Зеленски откако го угостил него и лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО во Белата куќа.
„Ова беше многу добар, почетен чекор за војната што трае речиси четири години“,рече Трамп.
Јуриј Ушаков, помошник на Путин за надворешни работи, рече дека двете страни „изразиле поддршка за продолжување на директните разговори меѓу руската и украинската делегација“.
Идејата за „подигнување на нивото на претставниците на украинската и руската страна“ била дискутирана за време на повикот, рече Ушаков. Но, од изјавата на Ушаков не беше јасно дали Путин се согласил да се сретне со Зеленски.
Зеленски на новинарите пред Белата куќа по средбата им изјави дека ќе се сретне со Путин без предуслови.
Според американскиот претседател, по средбата Зеленски-Путин ќе следи трилатерален состанок со учество на Трамп.
Неговиот состанок со Зеленски бил многу порелаксиран од последната посета на украинскиот претседател во февруари, која прекина по жестока расправија и обвинувања дека Зеленски не им се заблагодарил доволно на САД за нивната поддршка.
Овој пат Зеленски започна со заблагодарување на Трамп за неговите „напори да се запре убивањето“.
Двајцата лидери се насмевнаа и се шегуваа откако Трамп топло го поздрави Зеленски и коментираше за неговото црно одело, отстапување од неговата вообичаена воена облека.













