Почетокот на работната недела носи вообичаен интензитет на сообраќајот на државните патишта. Според АМСМ, возењето се одвива непречено, по суви коловози, а надвор од населените места фреквенцијата е нормална. Од македонска страна, на граничните премини нема подолги задржувања.
На патот Прилеп–Битола продолжува времената регулација поради изградбата на Коридорот 10Д. Сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани, па возачите треба да ја следат поставената сигнализација.
Градежни работи има и на делницата Прилеп–Кавадарци, меѓу Беловодица и Тројаци, каде што возилата се пропуштаат наизменично. Времен режим е во сила и на патот Гостивар–Кичево, кај мостот на реката Тајмишка, како и на регионалниот пат Струга–Дебар, кај браната Глобочица.
АМСМ предупредува и на можност од одрони на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, особено на правците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за возила до 3,5 тони.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација.












