Со разновидна филмска програма, концерти и изложби во Скопје и Битола се одбележува месецот на Франкофонијата. Македонија е полноправна членка на оваа Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 88 земји.

Одбележувањето во Битола започна со Во НУУБ “Св.Климент Охридски“ – Битола каде беше отворена изложба на детски цртежи на тема “Здраво тело здрав дух“ посветена на Олимписките игри 2024 -Париз, Франција. На Конкурсот објавен од Француската Алијанса пристигнаа 80 цртежи изработени од ученици од основните и средните училишта од Битола и од Регионот. Жири комисијата за најдобри ги прогласи: во категоријата на средните училишта Анастасија Радевска од Гимназијата “Цар Самуил”од Ресен, во категоријата основни училишта Анастасија Ристевска од ОУ “Славко Лумбарковски“од Новаци.

По повод 20 март, Меѓународниот ден на Франкофонијата, на иницијатива на Францускиот Почесен конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ и Француската Алијанса и во знак на соработка со Општина Битола, Саат кулата, градскиот часовник, се осветли во боите на Француското знаме. Франкофонијата и нејзините вредности се слават во 88 земји распоредени на сите пет континенти, каде повеќе од 321 милиони говорители го зборуваат петтиот најзастапен светски јазик.

Франкофонијата се славеше во многу училишта во регионот и тоа во ОУ “Гоце Делчев” Битола и “Гоце Делчев” Могила, ОУ” Даме Груев”Бт, “Стив Наумов” Бт, ООУ” Славко Лумбарковски ” Новаци и Бач, “Цар Самоил” Ресен. Беа организирани спортски, музички, дегустативни настани од страна на мотивираните професорки по француски јазик.
Францускиот јазик е јазик на културата, јазик на уметноста, на умешноста на живеењето, јазик на гастрономијата. Но, францускиот јазик е исто така и јазик на правото, деловен јазик и еден од двата работни јазици на Европската Унија.

Викендов професорките по француски јазик од Битола организираа настан од спортски карактер за учениците што го изучуваат францускиот јазик. Станува збор за отворен настан со меѓуученички натпревари во игри и спортски активности : трка на 200 метри, натпревар „Лов на скриено богатство“ и традиционален француски „петанк“ .
Завршницата на проектот ќе се случува на 17. април во Центарот за култура со завршна приредба со учество на учениците од основните училишта што беа дел од проектот за сензибилизација.













