На фестивалот кој од 8 до 16 ти април се одржуваше во Кипар, филмот Сестри на Дина Дума ја доби специјалната наградата Global Images.
„Оваа награда е за умешната комбинација на атмосферски филм за полнолетство и волшебна драма од режисер кој ја вклучува публиката во тинејџерскиот живот на неговите ликови уште од првата минута“, се вели во образложението на жирито и додаваат „Затоа одлучивме оваа награда придружена со сума од 3.000 евра да оди за филмот Сестри на Дина Дума“.
Претходно овој филм ја доби наградата за најдобра режија на FEST – International Film Festival, во Белград, фестивал каде овој филм бил „зачнат“ пред четири години.

Филмот Сестри, имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки” во Битола.
Истиот ни открива едно тинејџерско друштво, во кое поважно е да се забавуваат следбениците на социјалните мрежи, отколку да се негува нормално пријателство. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска (Маја), Миа Жиро (Јана), Ханис Багашов, Мај-Линда Косумовиќ и Верица Недеска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово, а се снимаше во 2019 година на локации низ Скопје.
„Сестри“ беше и македонскиот кандидат за Оскар во категоријата меѓународен филм за 2022.













