Во организација на кошаркарскиот клуб Младост- Битола и Општина Битола утре и в nедела ќе се одржи десеттиот Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2022“. Натпреварите ќе бидат во четири категории: момчиња родени 2005/06 година, момчиња родени 2007/08 година, момчиња родени 2011-2015 година и девојчиња родени 2008/09 година.
Учеството го најавија екипите на: Олимпија-Лариса, Грција, Мега баскет-Прилеп, Јасмин-Кавадарци, Охрид-Охрид, Декса-Прилеп, Пробаскет-Кавадарци, Пелистер и Младост од Битола. Натпреварите ќе се играат во спортските сали „Боро Чурлевски“, Економско и Медицинско училиште. Свеченото отворање на турнирот ќе биде утре од 17.00 часот во спортската сала на Медицинското училиште „д-р Јован Калаузи“.
„По пауза од точно три години повторно го организираме овој турнир со домашни екипи поради актуелната здравствена состојба. Единствен гостин од странство ќе ни биде екипата на Олимпија од Лариса-Грција каде долги години беше тренер легендата на македонската кошарка Стерули Андоновски. Очекуваме квалитетни натпревари и пред сè, дружење на младите играч“, ни изјави Горјан Стојановски, претседател на организациониот одбор на турнирот.
Покрај официјалниот дел, турнирот ќе опфати и натпревари на младите членови од КК Младост во кошаркарски вештини, шутеви за три поени и слободни фрлања, а планиран е натпревар на ветерани од КК Младост, кои во минатото го прославија клубот во земјата и странство во периодот 2003-2007 година (двапати шампиони на Македонија, трето место на турнир во Острава, Чешка и четврто место на турнир во Гетеборг, Шведска).












