ТЕРА

REKLAMA???

ФОНТАНА И ГАМЗЕ МАТРАЏИ ДЕЛ ОД ФЕСТИВАЛОТ МУЗИКА ОД СВЕТОТ

На 27 ноември, во 20:00 часот, Битола ќе биде центарот на балканската музичка енергија, велат од Центарот за култура.

„Вечер што носи моќ, традиција и незаборавна атмосфера – уникатен настап на Фонтана и Гамзе Матраџи, дел од Фестивалот на музика од светот 2025. Ова не е само концерт – ова е спектакл што ги спојува културите, ја буди енергијата на публиката и ја претвора сцената во живописна музичка карта на Балканот. Фонтана и Гамзе создаваат искуство што го освојува слушателот од првиот тон: ритмови што те подигаат, вокали полни емоција и аранжмани што ја оживуваат салата“ стои во информацијата.

Фонтана, битолската музичка формација со 25-годишна историја, е едно од најоригиналните имиња на македонската и балканската сцена. Нивниот звук гради мост меѓу традицијата и современоста – македонски корени збогатени со рок, метал, фанк и фјужн елементи, создавајќи препознатлив и експлозивен музички идентитет.

Во својата богата кариера настапувале со реномирани уметници како Каролина Гочева, Џамбо Агушев, Елена Андоновска, Даница Крстиќ, Ангел Демирев, како и со исклучителната Гамзе Матраџи.

Гамзе Матраџи, родена во Измир со корени од Велес, е пејачка што ги спојува културите преку својот препознатлив, емоционален вокал. Нејзиниот репертоар ги опфаќа традициите на целиот Балкан – турска, македонска, ромска, босанска, албанска, српска, бугарска и грчка музика. Во 2009 година го формира својот „Балкански оркестар”, со кој настапува низ Турција и регионот, оставајќи силен впечаток на публиката каде и да се појави.

„Ова ќе биде вечер што ќе се памети – вечер во која музиката станува мост меѓу светови“ велат од центарот за култура.

Билети по цена од 400 денари на билетарницата на Центарот за култура или онлајн.