Десет лица загинаа во пад на приватен авион што се урна северно од Москва, а руската управа за цивилно воздухопловство објави дека на списокот на патници се наоѓа и поранешниот водач на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, пренесува „Sky News“.
Седум патници и тројца членови на екипажот се наоѓале во авионот „Ембраер“ кој летал од Москва за Санкт Петербург, јави агенцијата ТАСС.

Покрената е истрага за падот на авионот Ембраер што се случи во регионот Твер. Руските служби за итни случаи соопштија дека се пронајдени осум тела на местото на несреќата, пренесе државната новинска агенција РИА.
Поранешен американски воен специјален советник за Скај њуз изјави дека воопшто не е чудно ако Владимир Путин стои зад несреќата.
„Не треба да заборавиме дека исчезнувањето или отстранувањето на некои од непријателите на Путин низ годините е поврзано со сомнителни авионски несреќи, изјави Марк Војаџер и ја наведе како пример смртта на генералот Лебед, гувернерот на регионот Краснојарск, кој загина во пад на хеликоптер Ми-8 во 2002 година. Пред тоа се кандидираше за претседател, а ја критикуваше и чеченската војна што ја започна Путин.
Непотврдени извештаи на каналите на Телеграм тврдат дека авионот бил соборен од руската противвоздушна одбрана.

Додека пристигнуваат информации дека шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, наводно загинал во авионска несреќа, рускиот претседател е на концерт, пишува Sky News, додавајќи дека Путин е на настан посветен на 80-годишнината од победата на советските трупи во Битката кај Курск.
Пред само два дена Пригожин се обрати преку видео порака, прва по неговиот прекинат бунт во јуни, кога беше испратен во Белорусија.
На видеото изгледаше како тој да е во Африка и зборуваше за тоа како Русија го ослободува тој континент.













