Битола отсекогаш го имала оној „музички ген“ што ја одвојувал од другите градови. Иако,главно, се’ се врзува за Скопје, сепак Битола отсекогаш се издвојувала, без оглед за која музика и да зборуваме. Во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во старата битолска чаршија во организација на групата „Паркети“, се одржа фестивалот „Пајнца фест“. Настапија Instinct (Resen), Corrosion, Sound Waves, VEL и Паркети.
Фестивалот предизвика огромен интерес кај битолската публика, со оглед на тоа што повторно се организира после пауза од 5 години и истиот се одржува на местото каде во Битола за прв пат имало концерти пред кафич, први уметнички перформанси и сл.

Местото на случување е во старата Битолска чаршија, каде кај еден ќош постоело едно мало кафуле, кое го држел Томче-Пајнцата. Кога рокерите оделе на пијалок велеле – „Одиме кај Пајнцата!“… Тоа било врталиште на сите што слушале рок, хеви метал и алтернативна музика. Со текот на времето почнале спонтано да се случуваат и други културно-алтернативни настани. Во една прилика „Чоканче“ одржале концерт на истото место, а како гости биле неколку млади групи и „Паркети“ кои тогаш ја почнувале кариерата.
Идејата да се оживее ова место била на Сашо Паркет и еве по 5 ти пат се одржа „Пајнца Фест“ во рамките на Бит фест а во организација на „Паркети“.

Многу познати имиња, во сите наведени сфери, се излезени токму од Битола, но убаво е што во овој град сеуште се одржува рок сцената, а овој фестивал е еден од главните виновници за тоа.
На фестивалот претходно настапувале Чоканче, High voltage, Кактус и други.













