Хорскиот концерт во рамките на Бит фест се одржа во Офицерски дом во Битола. На истиот настапија Женскиот младински хор на МКЦ Скопје и Камерниот хор на Универзитетот “Адам Мицкјевич“ од Познањ, Полска.
Со Женскиот младински хор на МКЦ диригираше битолчанецот Сашо Татарчевски. Тие неодамна се вратија од гостувањето во Унгарија каде учествуваа на 14- тото издание на интернационалниот фестивал на хорови во Унгарија, Cantemus International Choral Festival. Оваа година хорот одбележува 50 години постоење. Хор кој е македонски хорски бренд и кој котира многу високо на светската хорска сцена. Голема заслуга токму за успешното опстојување на овој хор, има диригентот Татарчевски кој веќе 18 години раководи со истиот.
„ Во овој хорски бренд се вградени имињата на диригентите Драган Шуплевски, кој го оформи хорот во 1972 година, Запро Запров кој го проби патот до југословенските и европските фестивали и Емилија Лале која продолжи по тој пат. Јас сум со хорот веќе 18 години и работам со истиот жар и ентузијазам како на почетокот“, ни изјави Татарчевски.

За гостувањето во неговиот роден град ни рече:
„ Секогаш е интересно да се вратам таму каде што почнав. Имено, токму во Битола пред 25 години го имав и првиот самостоен концерт како диригент, така што оваа година за мене е навистина исполнета со јубилеи. Битолската публика е специфична. Во последниот период има можност да следи многу настани поврзани со музиката, така што тоа е публика која има чувство за ниво и квалитет. Постоењето пак на музичкото училиште прави во таа публика да има и многу музички образувани индивидуи. Мене ми претставува задоволство да настапувам во обновениот Офицерски дом после толку многу години“.

Камерниот хор на Универзитетот “Адам Мицкјевич“ од Познањ, Полска е под диригентска палка на Кшиштоф Шиџиш и настапуваат од 1992 година. Се работи за еден од најдобрите универзитетски хорови во Полска, составен од студенти, дипломирани студенти и млади професори од УАМ, како и од студенти, дипломци и наставници на други универзитети во Познањ. Хорот одржува концерти ви Полска, Австралија, САД, Боливија, Еквадор, Перу, каде освојува престижни награди од членови на жири и публика.
Хорот и солистите ја изведоа и “Македонско девојче“, а покрај тоа тие се претставија со полска традициолнална музика, со композиции од полски автори, шведска традиционална музика, италијанска и други.
Нивниот необичен начин на изведба на хорската музика го привлече вниманието на многубројните присутни во салата.












