ТЕРА

REKLAMA???

ПЕТАР СТАВРЕВ ЗАСАДИ ДРВЦЕ ВО АЛЕЈАТА НА ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДИТЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Годинешниот добитник на највисокото општинско признание за животно дело, наградата „4 Ноември“, Петар Ставрев, денеска  заедно со градоначалникот Тони Коњановски засади дрвце во алејата на добитниците во Градскиот парк во Битола.

Петар Ставрев изрази задоволство што се наоѓа во кругот на граѓаните на Битола кои имале големи достигнувања за градот Битола.

„Би сакал овде да кажам нешто за Битола. Битола никогаш не посегнала по туѓи градови, по туѓи имоти, ниту од неа тргнале војски кон други терени, а знаела да ја одбрани својата слобода и демократија, со млади личности, кои го положиле животот за нејзината слобода. Се надевам дека така ќе биде и во иднина, зашто нашиот град ќе го освојува светот со културни постигања, со спортски активности и со други знаења за кои што имаме моќ и сила“, рече Ставрев.

Градоначалникот Тони Коњановски посочи дека е посебна чест да се биде повторно со добитникот на наградата за животно дело „4 Ноември“.

„Оваа награда како никогаш до сега, отишла во прави раце, а тоа го видовме сите и бевме сведоци на повеќе минутниот аплауз на доделувањето, кои граѓаните го дадоа, а поголема потврда од тоа не може да има. Ја продолжуваме традицијата на засадување дрвце во чест на новинарот, граѓанинот, хриночарот на Битола, фотографот, документаристот Петар Ставрев, урбана легенда на градот Битола, човек без кој Широк Сокак не е Широк Сокак. Се надевам дека ова ќе е мотив повеќе, како што кажа и самиот Ставрев, „јас не запирам тука, јас продолжувам“, мотив и за сите останати да придонесеме нешто за нашиот убав град, заеднички да го направиме поубав бидејќи имаме што да покажеме, бидејќи Битола е посакувана дестинација. Се враќаат и млади луѓе, а тоа ни е и интенција, да направиме нешто за младите да си останат тука и да доживеат вечност како Петар Ставрев и сите да оставиме некаква трага во градот“, рече градоначалникот Коњановски.

До секое засадено дрвце, се наоѓа и натпис со името на добитникот и годината на засадување. Досега, во Алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола, се наоѓаат засадените дрвца на Виолета Томовска, добитник на наградата за животно дело во 2018 година, на Благој Стефановски, добитник во 2019 година, на Петар Георгиев-Калица добитник во 2020, на Петар Мирчевски  добитник на наградата за животно дело во 2021 и годинешното на Петар Ставрев.