ТЕРА

REKLAMA???

ИТЕН СОСТАНОK НА НАТО ЗА ПРОЕКТИЛИТЕ КОИ ПАДНАА ВО ПОЛСКА

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се огласи за експлозијата во близина на украинско-полската граница. Тој рече дека НАТО ја следи ситуацијата во Полска, додавајќи дека сојузниците внимателно се консултираат.

Портпаролот на полската влада Пјотр Мулер одржа прес-конференција во главниот град Варшава, на која рече дека владата го подигнува нивото на подготвеност на војската како одговор на експлозијата во близина на границата со Украина, во која две лица загинаа во селото Пржеводов во источна Полска, во близина на границата со Украина.

Денеска ќе се одржи итен состанок на лидерите на НАТО по експлозијата на два проектила, што се случи во полското село Пжеводов, на полско-украинската граница, во која загинаа две лица.
Полска ноќеска потврди дека проектилите кои паднале во Пржеводов се од руско производство, но и дека нема потврда кој ги истрелал.

Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека има врска со експлозијата, како што објавија одредени медиуми.

Европски дипломати изјавиле дека НАТО во овој случај ќе постапи крајно претпазливо и оти е потребно време за целосно да се утврди овој инцидент.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека инсистирањето да се впери прст кон Русија за проектилот што ја погоди полската територија во близина на границата со Украина е провокација. Тој доддаде дека негирањето на Русија дека е вмешана е „важно“ и треба да се почитува.

„Морам да ја почитувам изјавата дадена од Русија… Можеби имало техничка неисправност или нешто друго. Од суштинско значење е да се започне истрага“, додаде тој.

Инсистирањето да се впери прстот кон Русија би било „провокација“, рече Ердоган.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека е „малку веројатно“ проектилот да бил истрелан од Русија. Бајден, говорејќи по свикувањето на вонредни разговори со лидерите на западните сојузници во Бали, Индонезија, на маргините на самитот на Г20, вети поддршка за истрагата на Полска за, како што ја нарече, ракета „произведена од Русија“.

На самитот на Групата 20 (Г 20) кој се одржува во Бали се појавија несогласувања откако САД и нивните сојузници ја поддржаа резолуцијата со која се осудува руската инвазија на Украина, а која рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли како неоправдана политизација.

Самитот на индонезискиот остров Бали е првиот состанок на лидерите на земјите од Г 20 откако Русија испрати војници во Украина во февруари.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека има охрабрувачки знаци за консензус дека војната на Русија против Украина е неприфатлива.

Министерските состаноци на Г20 во минатото не успеаја да произведат заеднички декларации поради несогласувањата меѓу Русија и другите членки, вклучително и начинот на кој се опишува војната во Украина.

Претходно, во неговото видео обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сега е време да се запре руската војна во неговата земја според планот што тој го предложи „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“.