Декември е месец на успехот, месец на жената претприемач. Во Музејот на македонската борба се одржа конференцијата и изборот „Жена на годината“, чија цел е да се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати во годината што одминува.
Конференцијата плени со голема посетеност секојпат, воедно и со спојување на луѓето на самиот настан, со цел да стекнат нови пријателства, соработници, контакти. Помеѓу добитничките на награди и битолчанки и тоа : Виолета Томовска, која ја доби наградата за Жена со трајни вредности, а ја испеа и нејзината ,,Молитва“ со која ги расплака присутните, за Жена со најголеми достигнувања во спортот награда доби Оливера Наковска Бикова. Наградена беше и Александра Шијаковска.
Токму таа ја доби наградата во категоријата за инфлуенсер на годината, професија за која водителот на настанот Огнен Јаневски изјави дека допрва ќе биде признаена, но и дека младите веќе добро знаат за што станува збор и каков ангажман е потребно за да се успее.
Овогодинешните добитнички беа номинирани во вкупно 10 категории. Изборот се одвиваше на тој начин што најпрво имаше онлајн номинација од публиката (каде учествуваа 402 граѓани), потоа се направи селекција на топ 5 кандидатки за секоја категорија (според најголем број на номинации) и на крај одлучуваше жири-комисија составена од медиуми, бизнис сектор, образовни институции и претставници од организаторот.
Лауреатот македонска Жена на годината го понесе актерката Слаѓана Вујшевиќ која го оживува ликот на „Биби“ од мега-популарната детска цртана серија „Светот на Биби“. Останатите наградени се: Жена менаџерка на годината – Билјана Караманолевска, Жена млада менаџерка на годината – Светлана Кордумова, Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата – Мартина Димовска, Жена со најголеми достигнувања во културата – Пламенка Трајковска, Жена со најголеми достигнувања за општеството – Ребека Јанковска-Ристески, Жена со најдобар стил – Дита Старова Ќерими.
Во конференцискиот дел на настанот се одржаа предавања на Ирена Јакимова, Марио Јовановски, Вера Мештеровиќ и Наташа Дуковска, кои пред присутните ја споделија својата приказна и искуствата кои ги доживеале во нивната претприемачка експедиција, препреките со кои се соочиле и начините на кои успеале да ги надминат.












