Деновиве официјално беше промовиран трејлерот за македонската крими драма серија „Бистра вода“, во режија и по сценарио на Јани Бојаџи. Се работи за целосно македонска продукција, на телевизија Алфа и „Синемон медија фактори“, а инспирирана од вистински настани.
Во серијата има над 70 актери меѓу кои е речиси целиот крем на македонското актерство: Мони Дамевски, Деан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Роберт Вељановски, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Маја Љутков, Зоран Љутков, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Ирена Илиевска.

Главниот лик во серијата е Александар, кој по 45 години се враќа во Македонија за да расчисти работи од минатото, но и да открие нешто за кое и самиот тој не е ни свесен. Повторното обединување на семејството, ќе биде поврзано со убиство. Затоа серијата е најавена како трилер со сериозни елементи на крими драма. Главниот лик го игра актерот Симеон Мони Дамевски.
Проектот „Бистра вода“ е започнат пред 12 години како идеја на Љупчо Тодоровски – Упа, Мони Дамевски, Јани Бојаџи и Владимир Карпузовски, а е развиван и подготвуван последниве неколку години. Серијата, на некој начин, е меморија во чест на содружникот Љупчо Тодоровски – Упа (1956 – 2021), кој не го дочека снимањето, а улогата што првично требаше тој да ја игра, сега ја има неговиот најблизок колега и пријател, македонскиот докажан актер и продуцент Симеон Мони Дамевски.
Лајтмотив за серијата е народната песна „Бистра вода“, која со текот на годините имала повеќе модификации, но основата останала иста, а тоа е дека ја пеат жени. И приказната во серијата е поврзана со жените, со нивната мака, а во метафорична смисла – кога на човек му е бистра главата, полесно го наоѓа патот каде што треба да оди.
Според филмската екипата, овој проект ќе придонесе да се тргне етикетата дека Македонците се некадарни и не знаат да направат домашен производ кој ќе не рефлектира точно онакви какви што сме.












