ТЕРА

REKLAMA???

ДИМИТАР АНДОНОВСКИ СО НАГРАДА НА ФЕСТИВАЛ ВО ВОЈВОДИНА

На 72.Фестивал на професионални театри во Војводина, Србија наградата за најдоба музика за претстава ја доби Димитар Андоновски за претставата  ,,Дон Жуан” на Молиер, а во режија на Андреј Цветановски. Претставата е во продукција на Народен театар „Стерија“ од Вршац, а со која премиера театарот го одбележа и својот 78 ми роденден. Селекторка на годинешното издание на фестивалот во Војводина беше театарската критичарка Александра Гловацки.

Жирито на 72. професионален театарски фестивал во Војводина, беше составено од режисерката Анѓелка Николиќ (претседател), драматургот Светислав Јованов и режисерот Патрик Лазиќ, па така во периодот од 18. до 25. април имаа можност да погледнат 10 претстави во изведба на седум театри од Војводина.

Претставата „Дон Жуан“ доаѓа на сцената на Народниот театар „Стерија“ преку интерпретацијата на македонскиот режисер Андреј Цветановски, во чиј опус доминира класичната светска драматургија, како и делата на македонските автори, со режисерска естетика која е визуелна и со намерата да се создаде ново читање на класичната приказна. Во оваа интерпретација на исконското дело, режисерот се движеше по линијата на човечката страна на Дон Жуан, барајќи го потеклото на неговата природа.

Улогата на Дон Жуан му беше доверена на младиот актер Милош Ѓуровиќ, а останатите ликови ги играат: Милош Лазиќ, Јована Божиќ Вања Радошевиќ, Марија Пантин/Јована Андрејевиќ-Грујиќ. Предраг Грујиќ, Срѓан Радивојевиќ , Иван Ѓорѓевиќ .

Цветановски, беше следен во режисерската идеја од сценографот Сергеј Светозарев, Софија Лучиќ е костимограф, а дизајнот на светлото е на Радомир Стаменковиќ.

Наградата за најдобар режисер на фестивалот во Војводина му беше доделена на Кокан Младеновиќ за режија на претставата „Што спиеш на подот“, за најдобар актер е прогласен Аљоша Ѓидиќ за улогата на Хендрик Хефген во претставата „Мефисто“, најдобра актерка, Маја Изетбеговиќ за улогата на сенка во претставата „Што спиеш на подот“ и други. Фестивалот во Војдовдина заедно со „Стеријно позорје“, се двата најголеми и најзначајни фестивали во регионот.