ТЕРА

REKLAMA???

КОЊАНОВСКИ: НА 31 МАРТ КАЖАВ ДЕКА РАЗЛИКАТА ОД ПЛАТАТА ЌЕ ЈА ДОНИРАМ

На денешната изјава на претседателката на Советот, Габриела Илиевска за платата на градоначалникот на Битола, тој во писмена изјава вели дека претседателката на Советот, несакајќи да работи во интерес на Битола и битолчани, продолжува да спинува, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, исто како што не го признава решението на државниот инспектор за локална самоуправа и изјавата на министерот со кои се потврдува дека, таа не ги почитува законските прописи.

„Поради донесената одлука на Уставниот суд, согласно законот за исплата на плати за избрани и именувани лица, општинските служби доставија материјал на седница на Совет за донесување на Одлука за измена и дополнување на Одлуката за извршување на буџетот на општина Битола за 2023, со која треба да се зголеми и мојата плата како градоначалник. Но, ќе ја потсетам претседателката, дека моја должност е да работам законски, во интерес на граѓаните кои ми ја дале довербата, а токму затоа уште на 31 март, јавно објавив дека разликата на средствата од сегашната плата, до покачувањето, ќе бидат донирани.

Ви ја пренесувам објавата од 31 март:

„Во тешката економска и финансиска состојба во која живееме, финансиската поддршка им е најнеопходна на семејствата со ниски месечни примања, ранливите категории на граѓани, семејствата на уставобранителите. Во целост почитувајќи ја одлуката на Уставниот суд, како највисок орган кој ја штити уставноста на Македонија, одлучив како носител на јавна функција, износот на зголемувањето на мојата плата, да го донирам токму на овие граѓани, кои имаат најголема потреба од финансиска поддршка во овие тешки моменти. Во духот на позитивните вредности и хуманоста, се надевам дека мојот мал придонес, ќе биде причина за радост на многу семејства кои се соочуваат со здравствени, финансиски или други проблеми од економска природа. Верувам дека само со меѓусебна поддршка, ќе ги надминеме сите предизвици со кои сме соочени, а во исто време заеднички ќе создаваме можности за напредок на нашата Битола и нашата Македонија“ стои во реакцијата на Коњановски.