Половина милион демонстранти се собрале на улиците на Варшава вчера на 4 јуни, според претставниците на опозицијата во Полска кои ги организираа протестите и тврдат дека денешниот е еден од најголемите собири од ваков тип во последните 30 години, по падот на комунизмот, пишува Радио Слободна Европа.
Лех Валенса, поранешен полски претседател, добитник на Нобеловата награда за мир и водач на борбата против комунизмот, им се придружи на претставниците на опозицијата на чело на колоната пред парламентарните избори што се очекуваат наесен.
Луѓето пристигнаа од целата земја откако поранешниот премиер Доналд Туск, шеф на центристичката опозициска партија Граѓанска платформа, повика на протест против „високите трошоци за живот, мамењето и лажењето, за демократија, слободни избори и Европската унија“.
Лидерите на повеќето опозициски партии ги охрабрија своите поддржувачи да се приклучат на маршот против националистичката партија „Право и Правда“, предводена од Јарослав Качински.
„Градскиот совет проценува дека бројот на демонстрантите е околу 500 000“, рече портпаролот на организаторот, Јан Грабиец, за АФП.
Облечени во црвено-бели полски бои, демонстрантите носеа табли на кои пишуваше „доста е“, „не за авторитарната Полска“ и ја обвинуваа владејачката партија за високите цени.
Поранешниот шеф на Советот на Европа, Туск се обрати пред насобраните граѓани велејќи дека улогата на опозицијата е „од слично значење“ како во осумдесеттите, во борбата против комунистичките власти во таа земја.












