Летото почна денеска во 16 часот и 57 минути, а ќе трае до 23 септември. Во исто време на Јужната хемисфера почнува зимата. Сонцето го прави својот најголем лак над хоризонтот. Изгрева на североисток, на југ ја достигнува најголемата дневна висина, а заоѓа на северозапад.Почетокот на летото не се случува секогаш во ист ден. Летото може да започне помеѓу 20 и 22 јуни, во зависност од тоа кога Сонцето ќе ја достигне највисоката точка. Првиот ден од летото е често ден со најмногу сончева светлина бидејќи сончевите зраци ја погодуваат земјата под директен агол. Првиот ден од летото го започнавме сончево и топло.
„Денес па и во следните два дена, односно во четврток и петок ќе имаме стабилно и топло време со максимални температури кои што во Пелагонискиот регион ќе достигнат до 31 степен. Веќе од сабота ќе имаме промена на времето, нашето подрачје ќе биде под влијание на циклонска активност така што ќе имаме променливо време, во сабота ќе имама локален развој на нестабилна облачност проследена со појава на дожд, грмежи и засилен ветер. Веќе во недела ќе имаме постепено стабилизирање на времето меѓутоа дневните температури ќе бидат во опаѓање за неколку степени, во недела и понеделник максималната тепература во Пелагонија очекуваме да го достигне 26 степен, а повторна стабилизација на времето и пораст на дневната температура очекуваме од вторник, така што месец јуни ќе го завршиме со стабилно време. Овие температури се под просекот за овај период од годината“, изјави Јулијана Фиданоска-Мишкоска, дежурен синоптичар од УХМР.
Денеска е и најдолгиот ден во годината.












