Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е во тесен избор за престижната книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“. Како што соопшти издавачот на романот, „ТРИ“, на свечена церемонија тоа го соопштило жирито во состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински.

Од 30 номинации од 16 земји, жирито во категоријата странска литература се одлучи за осум наслови. Покрај романот на Андоновски, во тесен избор за престижната книжевна награда се и романите: „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија) и „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).
Романот на Андоновски на руски го преведе Олга Панкина, која е познат промотор на македонската култура во Руската Федерација. Ова е втора номинација на Андоновски за оваа награда. Во 2017 година беше номиниран неговиот роман „Папокот на светот“, исто така во превод на Олга Панкина, но не се најде во потесниот избор.
Името на лауреатот ќе биде објавено во октомври, на свечена церемонија на доделувањето на наградите „Јаснаја Полјана“. Наградата jа добиваат писателот и преведувачот.
Книжевната награда „Јаснаја Полјана“ е востановена во 2003 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг електроникс“. Наградата се доделува за најдобро прозно дело во четири номинации: современа руска проза, странска литература во превод на руски, пропуштени ремек-дела и личност.












