Креативна, инклузивна и уметничка извонредна како и прва професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност, создаде иновативната екипа на претставата „Улаф сте?”, во Центарот за култура – Битола.

Оваа претстава ги прикажува борбите во општеството на младите луѓе и фрла светлина на предизвиците со кои се соочува заедницата со оштетен слух. Актерите бестрашно ги раскажуваат социјалните неправди што се однесуваат на оваа ранлива заедница – изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по премиерата.

-Факт е дека овие лица насекаде се соочуваат со проблемот од неможноста да комуницираат со останатите, не само кај нас туку и во целиот свет. Тие немаат ниту богат културен живот од причини што нема многу настани кои се изведуваат на нивниот знаковен јазик, а на кои можат да присуствуваат и во кои можат да уживаат. Заеднички мораме посветено да се вложиме во исполнување на потребите на лицата од оваа ранлива категорија како и во нивното интегрирање во сите општествени пори на нашето живеење. Наша обврска и потреба е активно да придонесеме во унапредување на нивната положба преку спроведување на повеќе мерки кои се примерни за едно цивилизирано општество, рече министерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска.

Претставата „Улаф сте?” е прва професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност.

Режисер на претставата е Јован Ристовски, Костимограф е Марта Дојчиновска, сценограф Стефан Малбашиќ, драматург Билјана Крајчевска / Весна Куслеска,толкувач на знаковен јазик Катерина Шаркоска, асс. Елизабета Георгиева. Соработник за знаковен јазик Мартин Ангелов.
Во претставата играат Наталија Ристеска, Кристијан Танчевски, Марија Стефановска, Маја Андоновска-Илијевски, Сандра Грибовска, Никола Пројчевски. Дизајн на плакат Димитар Ристовски.












