Руското вселенско летало Луна-25 се урна на површината на Месечината на 20 август откако почна неконтролирано да се врти, објави државната вселенската агенција Роскосмос.
Роскосмос соопшти дека изгубил секаков контакт со сондата.
„Апаратот влезе во непредвидлива орбита и престана да постои како резултат на судир со површината на Месечината“, се вели во соопштението на Роскосмос.
Претходно Руската вселенска агенција Роскосмос денеска објави дека се случила „вонредна ситуација“ за време на маневарот на руската сонда Луна-25, пред слетувањето на Месечината.
Оттаму додаваат дека моментално ја анализираат ситуацијата.
При операцијата на слетување на Месечината дојде до вонредна ситуација на автоматската (лунарна) станица, поради што маневрот не можеше да се изврши според наведените параметри“, се наведува во соопштението.
„Луна-25“ е дел од руската лунарна програма што предвидува изградба на вселенска станица на Земјиниот сателит до 2040 година.
Москва последен пат испрати сонда „Луна-24“ на Месечината во 1976 година кога Русија тогаш беше дел од Советскиот Сојуз.
„Луна-25“ треба да помогне во развојот на технологија за меки слетувања. За да го направи ова, таа ќе собира и анализира примероци од почвата од Месечината. Планираните научни истражувања вклучуваат и проучување на површинските слоеви во областа на јужниот пол на Месечината, како и нејзината екосфера, додава ДПА












