Во Ликовниот салон ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“ – дел од ретроспектива“. Изложбата се отвори во соработка со Музејот на град Скопје во рамките на проектот -MuseumLink 2023.

Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници.Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела блеска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.
Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, наспроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма.

Творештвото на Владимир Георгиевски се спротиставува на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Во сликарството тој почнува од неговите онтолошки основи. Тој е во потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и робувањето на телото и на телесноста.
Владимир Георгиевски, уште на самиот почеток, го става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот.












