„ Со радост го одбележуваме 43-тиот роденден на Центарот за култура Битола, нашиот светилник на културата, креативноста, но и на заедницата“,беше истакнато на прославата со која оваа институција го одбележа својот роденден.
Имено повеќе од четири децении, овој храм на културата е витален центар, каде одекнува живописното чукање на срцето на творците кои ја избрале уметноста како форма на изразување. Тоа е повеќе од место, тоа е локација на спомени и безброј соништа на многу генерации.

За да ја обележат оваа 43 година, беше организирана изложба на фотографии со наслов „Фестивалска диоптрија“ на фотографот Диоген Хаџи Коста Милевски кој е официјален фотограф на Центарот за култура. Преку неговиот објектив и реално тешкиот избор да се селектираат само 25 фотографии од илјадници направени на настаните во оваа институција, се долови енергијата и таа чиста магија која се создаваше во живо на фестивалските сцени низ годините.
„Вистинската фотографија е поврзана со тоа да сте на вистинското место во вистинско време,во вистинскиот момент на движење на светлината . Тоа е вистинскиот предизвик за фотографите кои сликаат настани во живо“, изјави Диоген.

Секоја фотографија раскажува приказна, како сведоштво за моќта на културата да ги обединува, инспирира и надминува границите. Тоа е и почит за безброј уметници, музичари, филмаџии и изведувачи кои биле гости и оставија неизбришлива трага низ времето. Покрај одбележувањето на 43 години Центар за култура, овој месец е во знакот и на 10 години 3Д кино Битола.Покрај тоа следуваат уште многу интересни настани.
Центарот за култура во Битола е повеќе од обична галерија или сцена, тој е светилиште за љубителите на културата, место за негување на таленти кои се појавуваат и место каде што се создаваат доживотни пријателства низ тој процес на креативноста. Овде оживува културата, ова е место каде се чуваат традициите и каде се слават новите уметности.












