Викендов на спортскиот аеродром Мало Коњари крај Прилеп се одржа првиот лига-натпревар од календарот натпревaри за 2024 година. Натпреварот е во категоријата слободнолетечки модели, Ф1А – сениори и јуниори, Ф1Б, Ф1Ц и Ф1Х-јуниори. Настанот во име на Воздухопловната федерација на Македонија го организираше ВСК Фил Феникс, од Прилеп. Зедоа учество натпреварувачи во сениорска и јуниорска конкуренција од Охрид, Битола, Скопје и домаќинот Прилеп.
Натпреварот се одвиваше во пет старта, по спортскот правилник на ФАИ. Во категоријата Ф1А-едрилици, првото место, со максимален број бодови, го освои Небојша Стошиќ од Аеро клуб Витачево од Кавадарци, второто место му припадна на минатогодишниот победник, Пеце Илиевски од АК Мирко Тодоровски од Битола, додека на трето место се пласира ветеранот Димче Велкоски од клубот Фил Феникс од Прилеп.
Во категоријата, Ф1А, учествуваат и одделно се бодуваат и јуниори. Така, првото место му припадна на Михаил Пожарски, второто на Лука Најдовски, и двата од клубот ФилФеникс од Прилеп, додека третото место го освои Леона Чејкова од АК Витачево од Кавадарци.
Во категоријата Ф1Б-модели со погон на гумен мотор, првото место го освои повратникот, член на АК Охрид, Михајло Арсенов, додека второто и третото место ги поделија браќата Цветановски од АК Охрид.












