Деновиве неколку граѓански иницијативи за чистење во Битола го привлекуваат вниманието, покажувајќи како локалната заедница може позитивно да влијае врз изгледот на градот. Она што започна како акција на неколку поединци, брзо наиде на поддршка и кај други жители.
Првичната акција ја започнале пет битолчанки, кои самостојно ги расчистија запуштените јавни површини околу Трета реонска и пешачките патеки кај основното училиште „Стив Наумов“.
Нивниот пример брзо се прошири низ градот. Инспирирани од оваа постапка, жителите од околните згради во близина на „Трите убавици“ набрзо се организираа и го уредија просторот околу сопствените домови.
Ваквите акции покажуваат дека во ситуации кога урбаните простори не се во најдобра состојба, граѓаните можат да преземат одговорност за средината во која живеат. Наместо чекање, жителите покажаа подготвеност самите да придонесат за поуредена околина.
Овие примери се добар поттик за заедницата и потсетување дека грижата за јавните површини е заедничка обврска која зависи од секој поединец.












