ТЕРА

REKLAMA???

СЕ ОЧЕКУВА КАНДИДАТУРИ ДА ПОДНЕСАТ ФИЛИПЧЕ, ДЕСПОТОВСКИ, ПЕТРОВСКА…

Кандидатури за претседател на СДСМ во текот на денешниот ден се очекува да поднесат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска.

Кандидатура ќе поднесе и актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски откако денеска пред медиумите ќе ја претстави својата програма.

„На СДСМ му треба лидер, не пазар. Во интерес на обезбедување на транспарентна постапка за избор на Претседател на СДСМ до Централната изборна комисија на партијата доставив предлог за дополнување на документите при кандидирање. Со предложената Изјава секој од кандидатите се обврзува, во случај да не биде избран за Претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво. Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава“ рече деновиве Деспотовски.

Во јавноста се огласи и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, најавувајќи ја неговата кандидатура.

„Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок.

Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата“ вели меѓу другото Филипче.

Претходно својата кандидатура ја најави и доскорешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.

„Ако не станам претседател на СДСМ, ќе останам да бидам само пратеник во Собранието. Но, ќе продолжам и понатаму со своето дејствување и по убедување да бидам социјалдемократ. Сè уште ја немам поднесено кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз“ вели Петровска.

Се очекува и таа денеска и официјално да ја поднесе кандидатурата.

„Освен заживувањето на непосредната комуникација меѓу партиските членови, приоритет ќе биде враќање на членството да ја има примарната улога во одлучувањето. Ние бевме првата политичка партија во нашата држава која воведе непосреден избор на претседател. И тоа е сериозен демократски исчекор“ вели Петровска.