Собранието вечерва со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски.
Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.
Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата пред нејзиното завршување.

Откако заврши расправата за програмата и предложената влада, пред гасањето пред пратениците се обрати Мицкоски.
„Низ вековите наназад, граѓаните на оваа земја неуморно и макотрпно работеа. Во најтешките времиња секогаш беа со својата татковина, жртвувајќи се себе си.
Од генерација на генерација, работата и пожртвувањето беа светилници на нашиот народ.
Денес е време татковината да возврати. Време е Македонија да работи и да создава за нашите граѓани! За секој од вас! За тебе!
За неколку часа започнуваат првите 100 дена од работењето на оваа Влада.
Ветуваме дека макотрпно ќе работиме, дека ќе се грижиме, дека Македонија ќе се менува, дека ќе се движи напред, дека ќе ве почитуваме и дека ќе бидеме одговорни.
– Ќе ги намалиме даноците;
– Ќе ги зголемиме пензиите на 5000 денари;
– Ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти;
– 1 милијарда евра за македонската економија;
– Нови странски инвестиции за нови вработувања;
– Бесплатни учебници за сите;
– Фронт против корупцијата;
– Борба за раст до 5 проценти на македонската економија;
– Почеток на капитални инфраструктурни проекти и многу други работи“ рече тој.
Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава.
„Функцијата претседател на Владата ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, кажа новиот премиер Мицкоски.
Претходно од говорницата Мицкоски рече:
„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите деца и на моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив и политички и како човек, се што можам што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот кои што морам како претседател на Владата да ги почитувам“, рече Мицкоски.













