За време на вчерашната собраниска расправа за избор на новата влада, пратеничката од ВМРО ДПМНЕ од Битола, Олга Лозановска во реплика на излагањето на пратеникот Горан Мисовски потсети на како што рече неговите чести изјави како тогашен потпретседател на Собранието, дека многу му било мило што ВМРО ДПМНЕ била во опозиција.
„А јас често пати се прашував, покрај тоа што е легитимно право да гледате дека ВМРО ДПМНЕ е во опозиција, зошто не ви беше драго да ја видите Република Македонија како држава во која што владее правото и правдата, во која што има европско здравство, во која што има чист воздух, добра бизнис клима, добра инфаструктура. Ја имавте шансата вие и владата каде што припаѓавте меѓутоа ја прокоцкавте.
Сакајќи ВМРО ДПМНЕ да ја гледате во опозиција заборавивте дека во животот се е пантареи, се тече и се се менува. Сега дојде нова влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски со неговиот тим кои што имаат тешка задача. Знаете зошто? Затоа што зад себе оставивте, искрадена, опљачкана држава, држава во која што имаме системски криминал, држава која што ја доведовте на 111 место по корупција и криминал, со највисока стапка на инфлација, со највисок степен на загаденост на воздухот, со најголема бројка на загинати од Ковид 19.
Да, сега ВМРО ДПМНЕ има шанса да одговори на тој предизвик. Меѓутоа нешто сакам да ви кажам. Секој бран на времето носи одреден нанос, секоја раса остава свој слој, а секој поединец остава камен на споменикот кој што го гради еден народ создавајќи сопствена држава. За жал вие една тула не ставивте во таа држава, напротив ги ископавте темелите на оваа држава продавајќи го името, знамето, историјата, ги поткопавте темелите на институциите на државата и затоа ВМРО ДПМНЕ има голем предизвик, меѓутоа јас сум сигурна дека ќе одговори на задачата и премиерот и министрите, затоа што нема да работата за торбата на Луј Витон“ рече Лозановска.












