Со доделување на Почесното Рациново признание за 2024 година на Анамарија Цинеге Панзова од Будимпешта, Унгарија за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата вчера во Амфитеатарот во Велес започна свеченоста на затворање на 61 Рацинови средби.

Признанието на Цинеге Панзова, литературен преведувач од македонски на унгарски јазик и обратно, поранешен унгарски лектор во Македонија, и го додели градоначалникот на Велес, Марко Колев.
„ Огромна чест ми е што го добив ова признание. Од една страна македонскиот јазик за мене е лесен бидејќи ова ми е четвртиот словенски јазик кој го познавам, а од друга страна секој јазик има свои предизвици. Посебно со ситуација во која се наоѓа македонскиот јазик многу е важно да се афирмира надвор од државата“, ни изјави во интервјуто за Тера, Цинеге Панзова.

Годинешната добитничка на признанието се заблагодари со тоа што ја потенцираше заложбата за вклучување на што поголем број на млади Македонисти во Будимпешта како во превод на македонското литературно творештво така и во научно истражувачката работа.На последната вечер од културно поетската манифестација посветена на основоположникот на современата македонска книжевност Кочо Солев Рацин се одржа и Поетски митинг на кој годинава поезија читаа 22 поети од Србија, Италија, Бугарија и домаќините од Македонија. Годинешното Рациновото признание за роман на годината, го доби писателката Фросина Пармаковска за делото „Сè уште можам нешто да сторам“.












