Ако дворот не му е исчистен, за домот не го ни прашувајте, вака вели битолската опозиција за темата со снегот и состојбата со улиците во градот.
„Дали над 250.000 евра пари на сите битолчани не им се доволни на КЈП „Нискоградба“ за да ги исчистат патиштата, улиците и тротоарите или е во прашање неспособноста на директорот и градоначалникот“ прашува советникот од СДСМ, Борче Корлевски.
Корлевски вели дека со договорот кој „Нискоградба“ го склучи со Општина Битола на 28.11.2024 година на износ од над 15 милиони денари и со договорите од околу 15.000 евра за сол и ризла би требало улиците да бидат барем проодни, а не неисчистени, замрзнати со заснежени паркинзи.
„Не само што не може да се врви со возила, туку нема ниту каде да се паркираш затоа што ниту паркинзите кои се наплаќаат не се исчистени“ рече тој.
И праша дали знае директорот на „Паркинзи“ колку има загуба со неисчистените паркинзи? Советникот вели дека 250.000 евра пари не ги покриваат загубите и недомаќинското работење на „Нискоградба и додава дека затоа после ќе се бараат субвенции за плата. Е за недомаќински и неработење пари не се даваат, додава тој.
„А, градоначалникот наместо да реагира на тоа неработење и да го разреши директорот… уште дава изјави дека ” биле подготвени и работеле со цел капацитет”, кажа тој.
Според Корлевски, тој капацитет биле два камиони на друга фирма кои малку подзачистиле. И праша каде е механизацијата на „Нискоградба“ за која тврдат дека е на терен.












