Полицијата евидентирала над 240 дојави за поставени бомби во училиштата и за сите е утврдено дека се лажни, изјави денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. По шест часа од првата дојава и работа на терен тој оцени дека безбедноста низ целата држава е стабилна и солидна.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи во текот на денов ги завршија сите потребни контроли и проверки по однос на мноштвото електронски дојави за наводно поставени експлозивни направи во многу основни и средни училишта во државава, при што е констатирано дека во сите случаи станува збор за лажни пријави, велат од МВР.
Министерството ја информира јавноста дека во насока на ефикасно, планско и координирано делување а по утринските пријави за упатени закани по електронски пат беше формиран и оперативен штаб и беа ангажирани сите надлежни и стручни полициски служби.
Министерството уште еднаш апелира до граѓаните за избегнување од секакви дезинформации и шпекулации по однос на оваа појава.
И во училишта во Битола имало дојави за поставени експлозивни направи.

Премиерот Мицкоски реќе дека тој постојано бил во контакт со министерот за внатрешни работи, кој го брифираше дека досега сите без исклучок се лажни дојави.
„Тие се тие напади хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол“ изјави премиерот.
Направени се проверки во училишните објекти, а учениците се вратени на настава, рече министерката за образование.

„Одржавме состанок со претставници на Министерството за внатрешни работи и на неколку други институции кои се задолжени за јавната безбедност, претставници на Министерството за дигитална трансформација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Заеднички настапуваме во следниот период и со дополнителни напори од општините, ќе ја подигнеме безбедноста во училиштата“, рече министерката за образование Весна Јаневска, додавајќи дека сите денешни дојави се лажни, а по направените проверки, учениците се вратени на настава.
Таа апелираше до наставниците и другите вработени во училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси што се креирани од МОН и со двојна автентикација.
„Потсетувам дека училиштата и понатаму во случај на дојави за експлозивно направи, треба веднаш да пријават во МВР и да ги следат упатствата и протоколите кои ќе ги добијат стручните лица од министерството. Секако важно е да внимаваат кој и како влегува во училишните објекти“, нагласи Јаневска.
Упати апел до наставниците и другите вработени во училиштата, за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси кои се креирани од Министерството за образование и наука, а препораките за општините се согласно можностите, да ангажираат физичко обезбедување и да постават видео надзор.
Заканите вели Јаневска биле добиени на приватни мејлови.












