ТЕРА

REKLAMA???

„БЛУМБЕРГ“: ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ПОДГОТВЕНИ ДА ИСПРАТАТ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА

Се очекува пакетот за безбедносни гаранции за Украина да биде финализиран оваа недела откако американскиот претседател Доналд Трамп поддржа план што вклучува испраќање европски војници како дел од евентуален мировен договор, објави Блумберг.

Европските лидери сега се обидуваат да ја искористат понудата на Трамп за да го стават Киев во подобра преговарачка позиција пред потенцијалната средба меѓу претседателите Владимир Путин и Володимир Зеленски.

По самитот во Белата куќа во понеделникот, кој донесе посилна поддршка од САД за гаранциите, европските претставници вчера се фокусираа на доработка на планот. Според извори запознаени со ситуацијата, планот вклучува испраќање британски и француски војници во Украина, а нивниот број и распоред се дискутирани. Десетици земји се подготвени да ги испратат своите сили во земјата разорена од војна, изјавија изворите за Блумберг под услов на анонимност.

И покрај напредокот, природата на поддршката од САД останува нејасна. Трамп изјави за Фокс њуз: „Кога станува збор за безбедноста, тие се подготвени да испратат луѓе на терен. Ние сме подготвени да им помогнеме со некои работи. Веројатно би можеле да разговараме за воздушна поддршка бидејќи никој нема опрема каква што имаме ние, тие навистина немаат. Не мислам дека тоа ќе биде проблем.“

Подоцна, портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, рече дека Трамп разбира дека гаранциите се „клучни за обезбедување траен мир“.

Пакетот што се подготвува се состои од неколку фази. Првата фаза, според изворите, би вклучувала зајакнување на украинската армија преку обука и засилување. Овие сили потоа би биле поддржани од мултинационална група составена главно од европски трупи, при што Велика Британија и Франција се подготвени да испратат стотици свои трупи. Тие би биле стационирани во Украина, но подалеку од линиите на фронтот.

МИА