На Преспа ѝ треба заедничка акција која ќе тргне од граѓаните, а ќе ја продолжат институциите и од локалната и од централната власт за да се дојде до почиста животна средина која, пак, значи здравје за сиот жив свет. Ова е заклучокот од панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот” во Ресен, која се одржа по повод Меѓународниот ден за животна средина и здравје – 26 септември.

Директорот на Болницата за респираторни заболувања во Отешево, д-р Благоја Китановски рече дека податоците за бројот на заболени од карцином во Преспа се загрижувачки.

Неговиот став е дека вината за состојбата со заболувањата подеднакво ја дели човечкиот фактор со негрижата за животната средина и климатските промени кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во езерото, а од таму и на луѓето.

Билјана Стојаноска, која учествуваше на панел–дискусијата како претставничка на аптекарите во Преспа, го дополни директорот Китановски со уште позагрижувачки податоци.

Д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје најави редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.

Една од главните препораки за ресенчани од д-р Здравески е да носат респираторни маски не само кога одат во овоштарниците за прскање туку и кога го подготвуваат материјалот за прскање.

Д-р Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод – Охрид, кажа дека Преспанско Езеро забрзано старее во споредба со останатите природни езера, што се гледа преку прекумерно цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.

На панел дискусијата како претставник на Општина Ресен присуствуваше Ајман Ал Малла од Секторот за животна средина. Тој за следната година најави измена на низа закони за животната средина, но нагласи дека промената треба да почне од секој од нас.

Панел-дискусијата се организираше во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина”, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, поддржана од Европската унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа”.












