На централното чествување на Денот на народното востание 11 Октомври, во Прилеп, премиерот Христијан Мицкоски рече и оти сегашната генерација е последната шанса за да се исправи системот и повика на заедничка работа за иднината на државата.

„Поробени, но никогаш покорени” се зборовите со кои почнува манифестот на македонските партизани кои го испраќаат до народот што во тоа време се соочил со најголемата воена агресија дотогаш.

Во овие зборови е содржана суштината на поривот и пркосот што таа генерација го даде кон тогаш најголемата сила што светот ја познаваше. Во таа реченица се препознава одлучноста да се успее, и кога многу поголеми се против вас, и дека секоја битка може да се победи или да се загуби обидувајќи се да се победи, но никогаш да не се откажете дури и тогаш кога мислите дека работите изгледаат безизлезни. Потребно е за сè да се има цел и мотив за борба. Слободата беше заедничката цел на луѓето од различни народи кои тогаш се обединија. Таа генерација немаше гаранција дека ќе победи, напротив, се соочуваше со удари и препреки за секоја педа за која се бореа, но останаа непокорни и на крајот победија. Тие тогаш го сплотија народот во заедничката цел.

И имаа идеја и идеал, преточен низ многу претходни борби. Ниту еден голем успех не доаѓа наеднаш, ниту незаслужено, туку многу трпеливо, со многу труд и постојанство. Впрочем, во тоа победоносно УРА, тој 11 октомври, е содржан и крикот на борците, комитетите од Илинденската епопеја. Таа долга низа на борби, во која заслуга има и организацијата што беше тврдината што го обединуваше тој неверојатен континуитет на отпор против империјата, и буквите со кои историски е врзана нашата борба за слобода и своја држава – ВМРО.

Тоа беа генерации што се запишаа во нашата историја, кои ја газеа патеката што остана за многумина потоа да ја врват и да ја остават на своите деца, пренесувајќи го огнот на идеалите во кои верувавме.
Сакам да верувам дека сите ние заедно сакаме да ја продолжиме патеката што ни ја оставија нашите предци, но она што го гледаме овие 30 години нè учи дека има и такви што сакаат да си прават свои лични патеки, и неретко скршнуваат од тој пат чии цел е нашата татковина.“, истакна меѓу другото премиерот Мицкоски.
Кажа дека знае оти сме во период на избори и во период кога сензитивноста е преголема на сите страни. Но, рече дека сака да подвлече две работи.
„Првата – дека имаме сериозен проблем со испораката на правдата, а клучот на сите заглавени обвиненија седи на две адреси со заеднички господар. Мораат судството и обвинителството се во канџите на поранешните политичари, и тие мора да се ослободат. Не може за милиони украдени пари да не се одговара поради нечија политичка близина. И ако тука, во овие случаи, нема правда, што ли се случува со многу други случаи на граѓани заглавени за ситни, но за нив многу важни предмети – меѓу нив имоти, кривични пријави, граѓански спорови. И за овој ресет на системот што ќе го спроведеме, не мислам на реванш, а во изминативе месеци покажав дека правдата е за сите иста и за, како што вели нашиот противник, „наши и ваши”, и овие категории нема да имаат разлика и за мене се непознати. Туку или некој се огрешил, или не се огрешил кон законот. Или е криминалец, или не. Или ќе има правда, или нема да нè има. А мора да нè има и мора да победиме со градење на систем во кој мора да веруваме и што ќе го оставиме на чесни професионални луѓе.
Втората работа што сакам да ја нагласам е посветеноста кон она што го бара народот, а тоа се резултати и работа. Можам да соопштам дека и во период на кампања работам на нови инвестиции кои за брзо ќе ги соопштам и наутро редовно држам состаноци за нови проекти и мерки што ќе ги преземеме заедно со моите колеги во Владата не само до крајот на годината, туку и во наредните 5 до 6 години и што на државата ќе ѝ дадат нов облик и нова енергија. Најважната битка од сите наши борби е борбата за стандардот и животот на луѓето. И тука ќе дадам сè од себе за народот и сите граѓани да живеат подобро, побогато, во систем што нема да ве разочарува и што ќе се темели на принципи и вредности. Мора да знаете – на вистинската патека сме и иднината ќе биде наша“ рече премиерот.












