ТЕРА

REKLAMA???

100 ГОДИНИ КИРИЛ МАКЕДОНСКИ: ОТВОРЕНА СПОМЕН-СОБА ВО БИТОЛА

Во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на македонскиот композитор Кирил Македонски, во битолската НУ Завод и Музеј се отвори спомен соба кадешто се изложени сите материјали од творештвото и животот на великиот композитор дадени од неговото семејство на оваа институција на чување.

Отворањето на спомен собата има една важна нитка – се реализира аманет.


„Во тестаментот имаше една клучна изјава “ – вели ќерката на Кирил Македонски, Пламенка Македонска –  Да не давам никому ништо на тогашните институции и поединци додека не дојдат достојни луѓе за таа задача. Кога директорот Зоран Николовски ми го презентираше проекто, во мене нешто внатрешно проговори дека навистина после четири децении  е дојден тој момент.“

Свеченото отворање на оваа најнова поставка во Музејот беше одбележана со праизведба на дела од Кирил Македонски.
Многу композитори, музички изведувачи репродуктивци, угледни уметници и граѓани оддадоа почит со своето присуство синоќа, присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски, а на присутните им се обрати и Марија Станчевска Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, која рече дека музиката на Кирил Македонски продолжува да инспирира, обединува и да потсетува на македонскиот творечки дух.
„Делото на Кирил Македонски вечно да живее во нашите срца и во срцата на идните генерации“ порача државната секретарка заблагодарувајќи се на ќерката на композиторот Пламенка Македонска што го направила чекорот кон зачувување на споменот и делото на својот татко, важно за македонската музичка творечка антологија, важна за нашиот идентитет.
Спомен собата на Кирил Македонски во битолскиот Музеј претставува репрезентативна презентација на сите сегменти и фази од творештвото на Кирил Македонски – од партитурите за неговата, воедно и прва македонска опера „Гоце“ работена по либерто на Венко Марковски искомпонирана на клавирот во Радио Битола, преку неговите психолошки анализи за влијанието на музиката врз здравјето, до неговите оригинални лични предмети и семејни спомени.
За оваа прилика, хорот на Државното музичко училиште изведе праизведби на дела од Кирил Македонски. Предводени од Лилјана Трајковска Димевски младите хористи одлично се справија со на моменти сложената композиција на авторот. Музичкиот дел од свеченото отворање го збогатија и сопранистката  Маја Митровска придружувана на пијано од јана Четелева Белевска, со аријата на Јана од операта „Гоце“, обоистката Татјана Петрушевска и фаготистот Марјан Милошевски со изведба на свитата „Во чест на господин Молиер“ и оперскиот пејач Игор Дурловски кој и со својот костим придонесе присутните за момент да се соживеат со инспирацијата на Кирил Македонски кога ја пишувал операта „Цар Самоил“.
Инаку, битолскиот Завод и Музеј ги чува и дел од нив постави во спомен собата – 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, семејни фото албуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети и документи.